Хан: ПЈРМ ја надмина кризата, со Заев ќе разговарам за реформските приоритети

12.06.2017 12:54

Комесарот Хан на прес-конференција во Брисел, изјави дека политичката криза во земјава е конечно надмината и дека денеска, главна тема во разговорите со премиерот Заев ќе бидат итните реформски приоритети.

Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, на прес-конференција во Брисел, изјави дека политичката криза во земјава е конечно надмината и дека денеска, главна тема во разговорите со премиерот Заев ќе бидат итните реформски приоритети.

„ПЈРМ конечно, со продолжена поддршка на ЕУ, ја надмина политичката криза преку фер избори и формација на нова Влада. Сега се надеваме дека ќе се вратат на дневно-политичката рутина. Денеска со премиерот Заев ќе разговарам за имплементација на итните реформски приоритети“, изјави Хан.

Премиерот Заев денеска е во прва официјална посета на Брисел. Веќе оствари средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Федерика Могерини. Треба да се сретне и со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Целта на првата посета на Брисел по преземањето на должноста е владата да ја потврди својата целосна посветеност на интеграците во Европската унија и во НАТО, како стратешка цел на земјата и да ги презентира реформските приоритети во владината агенда за враќање на државата на патот на евроатлантските интеграции, соопштуваат од Владата.

Заев го придружуваат вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шеќеринска, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.