Родова нееднаквост во Македонија
Во Македонија има родова нееднаквост. Жената не е доволно присутна на пазарот на труд. Има и голема разлика во платите во однос на мажите за исто работно место– покажуваат економските анализи. Надлежните велат дека се разгледува можноста, градинките да работат во две смени, а еднородителските семејства да не плаќаат за згрижување на децата...

Работат по дома, се грижат за децата, често и за постарите во семејството, секојдневие на половина од работоспособните жени во Македонија, покажува последното истражување на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот. Наведено е дека жената е нерамноправа на пазарот на трудот што води кон економска зависност, недоволно влијание при носењето одлуки во домаќинството, повисока толерантност на домашно насилство.
Податоците покажуваат дека жените работат неплатено во домаќинствата трипати повеќе во однос на мажите.
Од Владата велат дека се разгледува можноста градинките да работат во две смени, да се отворат и во руралните средини, а еднородителските семејства да не плаќаат надоместок за градинка и за училиште, се со цел поголема родова еднаквост. Експертите велат, мора да се најде современ модел на развој на економијата преку вработување на женската сила во услужниот сектор.
Некои земји имаат направено истражувања, според кои, инвестициите во социјалната грижа креираат 2,5 пати повеќе работни места отколку оние во градежништвото.
Наташа Јанчиќ
