Димитров во Атина побара поддршка, Коѕиас одговори- името е предуслов!

14.06.2017 16:30

„Со денешните разговори нема да го решиме прашање со името, но градиме позитивна клима“– оценија шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција. Димитров во Атина побара поддршка за нашите евроинтеграции. Коѕијас го пренесе ставот- прво е потребно компромисно решение за спорот за името. На маса- мерките за градење доверба.

Овде сум за да ја побарам поддршката на грчката Влада и јавност со цел да зачекориме по патот по кој што сакаме да одиме, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со грчкиот колега, Никос Коѕиас во Атина.

Ние ќе го изиграме нашето, да се свртиме ко иднината, мислам дека можеме подобро на Балканот од ова што го правиме, сите заедно и ќе продолжам да давам аргументи и со зборови и со дела дека е во интерес на нашиот поголем и повлијателен сосед ние да бидеме европска демократија што ќе влезе во НАТО и ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. И убеден сум дека во ваш посед имате многу предности и дека отворањето на патот може да придонесе и да помогне да се затвори главното прашање“, рече шефор на дипломатијата, Димитров.

И во рамките на денешната пресконференција беше реафирмирано грчкото ОХИ за влез во евро-атлантските структури под времената референца. Грчката страна уште еднаш потенцираше дека за влез во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија потребно е претходно решение на проблемот што Атина го има со нашето уставно име.

Ставивме јасно до знаење до нашиот пријател и сосед дека сакаме да биде дел од некои организации и отворени сме да ги поддржиме нивните напори откако прво ќе биде решено прашањето за името. Ова е услов и верувам дека мораме и можеме да работиме со цел постигнување на добар компромис кој што ќе биде од полза за двете страни. Да придонесеме и да помогнеме на нашите граѓани, на нашите општества да сфатат дека може многу повеќе да се постигне ако одиме надвор од историските пречки и да не инсистираме на конфликти кои не водат никаде“, рече грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас.

Двајцата министри разговарале и за продолжување на процесот со мерките за градење доверба и нивно надополнување. До Коѕиас беше упатена и покана во октомври да ја посети Македонија. Попладнето Димитров оствари и средби со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос како и со одговорниот за надворешна политика на најпопуларната опозициска партија Нова Демократија, Јоргос Комуцакос.

Идентично како и грчката власт и од опозицијата го поддржуваат ставот дека без промена на името, нема да има интеграција на Македонија во евро атлантските структури.

 

Марија Котовска, постојан допинсник од Атина за МРТ