Премиерот Заев во официјална посета на Бугарија

20.06.2017 07:55

Заев денеска со средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов ја почнува дводневната официјална посета на Република Бугарија...

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев денеска со средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов ја почнува дводневната официјална посета на Република Бугарија. На средбите во бугарската престолнина со премиерот Борисов и со претседателот Румен Радев ќе се побара од Бугарија како иден претседавач со ЕУ поддршка на патот за членство на Македонија во Унијата и во НАТО, како и унапредување на соработката меѓу двете земји.

Македонскиот премиер, најавувајќи ја посетата на Бугарија, деновиве во повеќе наврати истакна дека од Софија која од 1 јануари следната година го презема претседавањето со ЕУ, очекува добра соработка и поддршка за евроатлантските аспирации на Македонија. Посетите на Брисел и на соседните земји, вели Заев, значат засилена активност со помош на пријателите од ЕУ и од соседите да се придвижи Македонија кон полноправно членство во НАТО и ЕУ.

Софија по Брисел е втората дестинација што ја посетува премиерот Заев по формирањето на новата македонска Влада.