Заев- Борисов: Наскоро потпишување на договор за добрососедство

20.06.2017 15:44

Приближени ставовите на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Премиерот Заев најави негово потпишување на Илинден. Бугарија е за единствена Македонија, членка на Европската унија и на НАТО, изјави Борисов.

Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија треба да биде потпишан на 2-ри август. Дотогаш, како што очекуваат премиерите на двете земји, работните групи на министерствата за надворешни работи, ќе го договорат и преостанатиот мал детал, кој што, како што појаснуваат, се однесува на терминолошките аспекти од договорот. Ова било тема на средбата меѓу Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија, но, за што точно стнаува збор, и каков е тој детал, не прецизираше ниту еден од премиерите. Засега е познато дека делегација од Бугарија ќе присуствува на чествувањето на Илинден во Македонија, откако премиерот Заев се поклони на споменикот на Цар Самуил во Софија.

„Денеска разговаравме и навистина ги доближивме нашите ставови во функција на потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка помеѓу нашите две земји. Остана еден мал детал, и зедовме обврска на заедничкото чествување на Илинден, Илинденското востание во Македонија, да го завршиме потпишувањето на договорот за добрососедство и билатерална соработка меѓу нашите две земји, каде на наша покана, премиерот Борисов ќе ја посети Македонија, и заедно по втор пак ќе се поклониме пред споменик од нашата заедничка историја“, рече премиерот Заев.

Договорот треба да се потпише на јазикот кој што стои во Уставот на државата, смета бугарскиот премиер Борисов, и оценува- откако ќе биде составен документот, ќе се донесе одлука за деталот поврзан со, како што вели, заедничката историја, бидејќи според него историските великани е добро да се чествуваат од граѓаните на двете земји. Борисов на средбата уште еднаш ја потврдил пријателската поддршка на Бугарија за интегрирање на Македонија во меѓународните институции.

„Ќе направиме сѐ што е можно со пријателска Грција да работиме заедно да ги решиме сите проблеми, бидејќи дестабилизацијата на Македонија, значи и дестабилизација на нашите граници. Ние сме за единствена Македонија, ние сме за членство на Македонија во НАТО, а потоа и во Европската унија“, рече бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Двајцата премиери зборувале и за проекти од инфраструктурата, за изградба на железница и на автопат, со кои би се поврзувале двете престолнини, а договориле и по една улица во Скопје и во Софија, да ги носат имињата на поранешните претседатели- Трајковски и Желев.

Премиерот Заев попладнево се сретна и со бугарскиот претседател, Румен Радев.

Софија, по Брисел е втората дестинација што ја посети премиерот Заев откако стапи на функцијата. Изјави дека постите на соседните земји во значителна мера ќе придонесат Македонија да ја добие поддршката, со цел полесно да се интегрира во Европската унија и во НАТО.

 

Анита Димитријевска, специјален известувач од Софија за МРТ