Економијата во фокус на вториот ден од посетата на премиерот Заев во Софија

21.06.2017 08:04

Премиерот Заев денеска заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ќе се сретне со министерката за енергетика Теменушка Петкова.

Вториот ден од посетата владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев на Република Бугарија, е посветен на економијата. Премиерот Заев денеска заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ќе се сретне со министерката за енергетика Теменушка Петкова.

Вчера Заев ја почна посетата со средба со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, а попладнето имаше средба со претседателот Румен Радев. Од Борисов доби поддршка и помош на патот кон интегрирањето во ЕУ и НАТО. Двајцара премиери договорија потпишување на договор за добрососедство, што според најавите, треба да се случи на заедничкото чествување на Илинден во Македонија. Заев и Борисов истакнаа дека во однос на договорот за добрососедство, треба да се допрецизираат некои детали кои ќе се работат во министерствата за надворешни работи.

Премиерот Заев вчера попладне се сретна и со бугарскиот претседател Радев, кој изразил поддршка за евроинтеграциските аспирации на Македонија и посочи дека во новата реформска Влада на Македонија гледа можности за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Бугарија.

Премиерот Заев во Бугарија е придружуван од вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министрите за надворешни работи Никола Димитров, за транспорт и врски Горан Сугарески и за култура Робeрт Алаѓозовски.