Заев: Добивме искрени ветувања за поддршка за почеток на преговори со Европската унија

21.06.2017 12:59

Убавиот збор од Бугарија во институциите на Европската унија, за нас значи многу, не само поради тоа што доаѓа од земја- членка на Унијата, туку и од земја- сосед на Република Македонија, истакна премиерот Заев на прес- конференција во Софија...

Добивме искрени ветувања од нашиот источен сосед за поддршка за почеток на преговори со Европската унија, резимираше на прес- конференцијата во Софија претседателот на владата Зоран Заев. Бугарија ќе претседава со Унијата од 1-ви јануари наредната година.

„Убавиот збор од Бугарија во институциите на Европската унија, за нас значи многу, не само поради тоа што доаѓа од земја- членка на Унијата, туку и од земја- сосед на Република Македонија. Јас сум уверен дека ќе значи ново охрабрување на останатите земји- членки со многу позитивни причини дадени од Македонија преку успешните реформи кои следуваат, за конечно Македонија да ја отстрани прво условената препорака за започнување преговори со ЕУ, што би било некаде есента 2017 година, со желба наша да добиеме датум за преговори во 2018 година“, изјави премиерот Заев.

Премиерот Заев имаше средба и во министерството за енергетика со министерката Теменушка Петрова на која што се разговараше за заедничките инвестиции во овој сектор, како и за вложување во инфраструктурните објекти долж Коридорот 8.