Уставниот суд ќе поведе постапка за членот 175 од Законот за електронски комуникации
Уставниот суд ја заврши расправата за уставноста и законитоста на членот 175 од Законот за електронски комуникации. Според највисоката судска инстанца во земјава се предлага на Собранието и на Владата да го укинат членот за да веќе не се следат комуникациите без судски налог.

Уставниот суд го оспори неограниченото следење на комуникациите на Управата за безбедност и контраразузнавање без соодветна контрола. Со мнозинство гласови уставните судии одлучија да поведат постапка за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации.
Според објаснувањето на генералниот секретар на судот, Александар Лазов, ваквата одлука на судиите е донесена поради изразен сомнеж во уставноста на оспорениот член.
Дел од уставните судии сметаат дека не е прецизно предвидено во кои услови е дозволено следењето на комуникациите. Други пак, се со став дека иницијативата треба да се отфрли, со аргументи дека нема ништо неуставно во оспорениот член кој што според нив дава само технички насоки, додека со Законот за кривична постапка и другите одредби од законот за следење на комуникации е уредена постапката во кои случаи може да се прислушува.
Обврските на телекомуникациските оператори е да се обезбедат технички услови за следење на комуникациите за Управата за безбедност и контраразузнавање.
Уставниот Суд решението ќе го изготви најдоцна до 5-ти јули и потоа ќе го достави до Собранието. Законодавниот дом има рок од 30 дена да одговори и да даде мислење до судот.
Игор Панов