Заев: Во 2018-та очекуваме датум за преговори со ЕУ
Добивме искрени ветувања од нашиот источен сосед за поддршка за почеток на преговори со Европската унија, резимираше на прес- конференцијата во Софија претседателот на владата Зоран Заев. Бугарија ќе претседава со Унијата од 1-ви јануари наредната година.
На есен отстранување на условената препорака од Европската комисија, за догодина искрена желба да добиеме датум за отпочнување на преговорите. Премиерот Зоран Заев се надева дека соседните земји искрено ќе ја поддржат Македонија за членство во ЕУ и во НАТО. Откако вчера се отворило, како што рече, историско златно поглавје во односите со Бугарија, очекува позитивен исчекор и во односите со Грција.
„Македонија, покрај работата на внатрешен план и реформите што мора да ги направи во државата, се надева и на позитиен исчекор околу проблемот што Грција го има со нашето уставното име, надевајќи се дека навистина со новите перспективи што се отвораат во регионот ќе може да побараме, но и да добиеме и поддршка и помош од нашиот јужен сосед“, рече премиерот Заев.
Во Македонија ќе ги донесеме европските вредности, а политиката на страв ќе ја замениме со политика на надеж, со цел да и дадеме нова шанса на демократијата и на правната држава- истакна шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на форумот посветен на македонскиот пат кон Европската унија.
„Најефикасниот начин да се отклучат вратите е да се сфатат реформите сериозно и да се посветиме на развој на добрососедските односи врз основа на долгорочен патриотизам, е не врз плиток национализам, стереотипи и предрасуди. Така ќе биде полесно, ние почнавме директно со нашите соседи. Мојата прва билатерална посета беше во Атина, а на премиерот Заев во Бугарија. Со тоа би сакале да го искористиме потенцијалот на соседството и да работиме на проблемите, да побараме поддршка, за што ни се потребни соседите“, изјави министерот за надворешни работи, Димитров.
По билатералните средби со бугарските колеги, вицепремиерот за европски прашања, Османи, заклучи дека во фокусот на двете земји е изградбата на Коридорот 8, странските инвестиции, и искористувањето на европските фондови, што за Македонија ќе значи и повеќе пари.
„Баравме поконкретно договарање и поблиски контакти со цел да учиме од грешките, но и да учиме од позитивните искуства. Веќе имаме политичка согласност оперативните тимови да подготват агенда за меѓусебна соработка и размена на искуства, како и посета на вицепремиерот на Македонија, за да ја воспоставиме таа релација“, изјави вицепремиерот Османи.
Владината делегација предводена од премиерот Заев втор ден претстојува во официјална посета на Софија. На средбата со новинарите Заев истакна дека трите спорни прашања од договорот за добрососедство со Бугарија се надминати, а последното четврто, оптимистичке се надева дека ќе се затвори со, како што вели, едно испиено кафе на двајцата министри. Конечно, повтори, договорот ќе се потпише на Илинден, по што двете земји ќе отворат ново поглавје на економска соработка.
Владата подготвува драфт- верзија на итните реформски приоритети кои што во понеделник на владина седница, ќе му бидат претставени лично на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
Анита Димитријевска, специјален известувач од Софија за МРТ