Евроинтеграции

Прибе и експертите ги почнаа средбите

27.06.2017 17:00

Германскиот експерт Рајнхард Прибе со својот тим пристигна во земјава. На состаноци со претставници од власта и од опозицијата ги прецизираа областите во кои треба да се направат итни реформи. На средби во земјава и директорката од Директоратот за проширување во Европската унија.

Рајнхард Прибе со тимот експерти ќе ѝ помага на новата Влада во спроведувањето на итните реформски приоритети. На средбата со миниситерот за надворешни Димитров и вицепремиерот задолжен за европски прашања Османи, Прибе посочил дека е потребен засилен ангажман и мобилизација на релевантните институции во земјата за да се спроведат препораките од извештајот и итните реформски приоритети, стои во соопштението од Министерството за надворешни работи.  

Отсуството на независни институции имаше последици по демократските процеси во Република Македонија. Приоритет на новата реформска влада ќе биде нивна професионализација, со цел доследно спроведување на законите. Димитров и Османи ја потврдиле цврстата заложба на Владата да ги адресира препораките од извештајот на експертската група од 2015-та година и да ги спроведе мерките предвидени со акцискиот план.

Итните реформски приоритети и акцискиот план на Владата беа тема на разговор на средбата меѓу вицепремиерот Османи и директорката  на Директоратот за соседска политика, Калавера. Ќе се подобруваат слабостите кои ќе бидат посочени, а Калавера истакна дека Европската унија е тука за да ѝ помогне на Македонија во остварувањето на тој пат.

Експертски тим што ќе ги помага реформите, а кој беше најавен од еврокомесарот Хан, во Македонија ќе пристигне на 17-ти јули и ќе остане пет дена, соопштија од делегацијата на Европската унија во земјава.

 

Викторија Милевска