Портокалова фаза: Непотребно да не се излегува меѓу 11 и 17 часот

29.06.2017 15:04

Македонија е во портокалова фаза. До сабота од УХМР долж Повардарието и на југот најавуваат температури и над 40 степени. Заладување ќе има од недела попладне. Надлежните со апел- непотребно да не се излегува меѓу 11 и 17 часот.

Тропски температури до и над 40 степени. Целата земја е во портокалова фаза. Вакво време се очекува до недела, а потоа следува значително опаѓање на температурата.

Заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, редовно земање терапија кај хронично болните лица. Ова се дел од препораките на здравствените работници. Но, и покрај апелите, граѓаните велат дека мора да бидат изложени на високите температури поради извршување на своите активности.

Високите температури засега не ги зголемија повиците во итната медицинска помош. Бројот на интервенции се движи од 110 до 115 интервенции за 24 часа. Лекарите велат ова е вообичаено.

„Првенствено онаа ризична група на хронично болни се јавуваат и бараат помош од нас, бараат совет или интервенција. Кај помладата категорија пациенти кои имаат симптоми поврзани со вакво време се во мала бројка и се во оној период од денот во кој советуваме да не се изложуваат подолго на сонце“, изјави Оливер Алексовски, шеф на смена во Брза помош.

Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека заладување во недела, за кога се очекуваат и врнежи од дожд, грмежи и засилен северен ветер. Веќе во понеделник температурата на воздухот ќе опадне за 10 степени.

„До сабота нашето подрачје ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса која ќе предизвика сончево и топло време со надпросечни температури. Максималната температура долж Повардарието и во јужните делови ќе надмине 40 степени целзиусови“, изјави Лена Јовановска, УХМР.

Поради високите температури, екипи на Црвениот крст до сабота се на терен на најфрекфентните локации на централното градско подрачје во Скопје. Делат вода, совети и им помагаат на луѓето кои имаат потреба од прва помош.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска