ЕК со поддршка за реформската агенда
Европската комисија со поддршка на реформската агенда на Владата во Скопје. Македонска делегација на 14-тиот состанок на комитетот за стабилизација и асоцијација.

Интензивните посети и средби со европските претставници изминатиов месец дена, го определува фокусот на новата Влада на реформската агенда и забрзување на евроинтегративниот процес на нашата земја, оцени заменик- претседателот на Владата, Бујар Османи, кој денес во Брисел учествуваше на Комитетот за стабилизација и асоцијација.
„Укажавме на нашиот план, на нашиот патоказ и кои полиња ни се од интерес на првично адресирање, како што се владеење на правото, системот на безбедносните и разузнавачките служби, фундаменталните права преку зацврстување на улогата на Народниот правобранител. Добивме поддршка од ЕК, што ни е ветар во грб да продолжиме поагресивно за на крај да добиеме една чиста препорака и зависно од политичката волја и другите мерки кои ги презема Владата да го подобри политичкот амбиент во регионот, и со другите членки на Унијата за во декември да добиеме датум за преговори“, изјави вицепремиерот Османи.
На вечерашниот состанок на Северно- атлантскиот совет во седиштето на НАТО учествува министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на кој ќе ја изрази поддршката на мисијата „Одлучна поддршка“ и ќе го истакне очекувањето дека земјата може да смета на идно членство во Алијанста.
„Нашите планови се многу јасни- Македонија ќе направи сѐ во поглед на внатрешните реформи, во поглед на враќањето на владеење на правото, слободата на медиумите, контролата над извршната власт, за да ги исполни политичките критериуми кои долго време се сметаа за исполнети. Македонија придонесува за безбедноста на Авагнистан, Босна и Херцеговина и Либан, и сметаме дека е момент НАТО да придонесе повеќе за безбедноста на Македонија и целиот регион“- се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
Во текот на денот министерката Шекеринска ќе оставри билатерални средби со своите колеги од регионот и членки на Алијансата.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
