Груевски: Целта е да се скрши ВМРО за да се ослаби Македонија, нема да успеат

29.06.2017 16:53

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека СЈО е инструмент за политички прогон и затоа сите процеси се против оваа партија...

ВМРО-ДПМНЕ е нападната, изјави лидерот на партијата Никола Груевски. Тврди дека процесот е политички, а не правен, со цел да се уништи партијата. „Целта е да се скрши ВМРО за да се ослаби Македонија. Нема да успеат“- порача Груевски. Смета дека СЈО е инструмент за политички прогон и затоа сите процеси се против оваа партија.

„Нашиот грев е што цели 11 години бевме на браникот на одбранта на државните и националните интереси на Македонија, што одолеавме на многу притисоци и закани поврзани со името на државата, на нацијата и јазикот, со идентитетот на македонскиот народ, што одолеавме и не приафативме да потпишеме разни штетни за нашата нација договори, или пак спроведување на платформи на други држави, што се боревме за унитарноста на државата и што се боревме да ја задржиме државата- таква каква што ја сака народот“, изјави Груевски на денешната прес- конференција.

Груевски нагласи дека врхушката на СДС, полна со омраза се сити на ова, но брзо ќе дојде денот кога ќе сфатат дека кругот се врти. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, она што дополнително загрижува е тоа што раководството на СДСМ било во постојана комуникација со дел од обвинителите на СЈО и ги координирале сите активности заеднички.