Заев вети отворена врата за бизнисот, повеќе пари за капитални инвестиции

05.07.2017 16:37

Бизнисмените на една и полчасовна средба со премиерот Заев. Им вети отворена врата, повеќе пари за капитални инвестиции. Владината седница за ребалансот на буџетот е закажана за в петок...

Над 200 биснисмени присуствуваа на првата 90 минутна средба на премиерот Зоран Заев и неговиот економски тим во Стопанската комора на Македонија. Владата најави отворени врати за двонасочна комуникација, повеќе средства за капитални проекти. Отворањето нови работни места ќе биде поддржано преку инструментот младинска гаранција со кој ќе се стимулираат младите да останат овде и да формираат семејства, и да го помогнат развојот на земјата.

Заев најави државна поддршка на иницијативи за отворање фабрики за стакло и за вештачки ѓубрива, со што ќе се супституира увоз вреден 450 милиони евра. На странските инвеститори им се гарантира поддршката која ќе биде иста со онаа на домашните компании, но ќе се стимулира соработката со домашната индустрија.

„Владата нема амбиција да биде работодавач, туку партнер на бизнис заедницата без да се создаваат политички фирми и нелојална конкуренција“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Ќе се направи листа на приоритетни и одржливи енергетски проекти и наместо увоз ќе се оди кон домашно производстрво на електрична енергија, најави Анѓушев. Бизнисмените упатија многубројни прашања до Владата.

„Иницијатива за јавно приватно партнерство за отворање детски градинки во фабриките, со што ќе се подобри квалитетотна живеењето на вработените“, изјави Ирена Јакимовска, подпретседател на Совет за странски инвеститори.

„За користењето на здравственото осигурување во приватни здравствени организации“, додаде Весна Камиловска, Санте плус, турска инвестиција.

„Дали ви е познато дека над 1.000 предмети чекаат непотпишани во Министерството за економија“- рече Шефки Алити од Македонската рударска асоцијација.

Заев ја поддржа идејата за јавно- приватни детски градинки, засега финансиската состојба на Фондот за здравство не дозволува осигурениците да бираат каде ќе се лекуваат, но се работи на тоа. Премиерот најави став во врска со иднината на неколку рударски проекти, откако ќе биде разгледана целокупната документација.

„Не беше можно нормално да функционираме. До крајот на јули ќе бидат исчистени сите стари предмети во министерствата“, рече вицепремиерот Анѓушев.

„Повратот на ДДВ се реализира без задршка, неселективно. За еден месец 2,5 милијарди денари се вратени, над 150% повеќе од поранешниот просек“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Владата најави дека внимателно ќе го разгледа барањето и ќе направи детална анализа за формирање посебно Министерство за градежништво. Тевдовски најави реален ребаланс на државната каса, како и намалување на сите административни трошоци, редуцирање на бирократските процедури, како и подобро искористување на ИПА фондовите. Заев најави дека во петок ребалансот на државната каса ќе се најде пред Владата, а до Илинден ќе биде донесен во Собранието.

 

Свето Николовски