Нема договор за потворно обединување на Кипар
Пропаднаа преговорите за Кипар. Последниот обид во Женева заврши без договор за обединување на островот кој е поделен уште од 1974 година...

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изрази разочарување од неуспешните преговори за надминување на четиридецениската криза на Кипар. Средбата во швајцарското одморалиште беше оценета како обид за дополнителен притисок врз делегациите на двете кипарски заедници. Учесниците имале и телефонски разговор со американскиот потпретседател Мајкл Пенс, кој апелирал до нив да ја искористат историската шанса за обединување на островот. Главната причина за неуспешната конференција, според изјави од дипломати од грчката и од турската страна, било прашањето за силите-гаранти и повлекувањето на околу 35.000 турски војници од турскиот, северен дел на Кипар.
„И покрај ангажираноста и решитеноста на сите делегации, Конференцијата за Кипар заврши без да биде постигнат договор. Крајот на конференцијата не значи дека не треба да се даваат нови иницијативи. Обединетите Нации играат улога на посредник и секогаш сме на располагање на сите страни кои сакаат да се постигне договор“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Никозија и Атина биле со став дека на ЕУ не и требаат гарантни сили поради што е потребно целокупно повлекување на трупите во најбрз можен рок. Меѓу спорните прашања спаѓаат и идната поделба на власта, територијалната распределба и имотните прашања на островот.
Кипар е поделен од 1974 година кога турската армија интервенираше на островот, како одговор на воениот преврат предводен од кипарските Грци, чијашто цел беше приклучување на земјата кон Грција. По воената интервенција на Турција, турските сили презедоа контрола врз северниот дел на островот, каде што подоцна беше прогласена Турската Република Северен Кипар, која е призната само од страна на Анкара.
Маја Филдишев
