Активисти противправно лишени од слобода
Сакавме да протестираме против демонстрацијата на воена сила, но противправно бевме лишени од слобода. Членови на „Левица“ се жалат на односот на полицијата за време на презентацијата на опрема и оружје во Скопје, кога истакнале транспарент против војните за профит. Министерството за внатрешни демантира дека имало приведување. Внатрешната контрола веќе постапува...

Членови на партијата „Левица“, од движењето „Солидарност“, од Комунистичката партија на Македонија и новинар од Цивил тврдат дека противправно биле лишени од слободата за време на протестот за време на презентацијата на оружје и опрема во рамки на вежбата „Драгун Гардијан“. Обвинуваат дека биле држени со лисици и оти против еден од нив полицијата применила прекумерна сила.
Од „Левица“ велат дека им е прекршено уставното право на мирен протест, а според нив, сторени се повеќе кривични дела.
Од МВР велат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе испитува дали имало пречекорување на полициските овластувања. Информираат дека доколку имало, тоа соодветно ќе биде санкционирано. Ресорот категорично ги демантира сите наводи дека имало приведени лица.
Игор Панов
