Заев: Македонските војници го отвораат патот на Македонија во НАТО
Македонските војници го отвораат патот на Македонија во НАТО, изјави премиерот Заев на вежбата „Драгун Гардијан“ на Криволак. Ваквите активности можат да помогнат да се унапредат македонските аспирации за придружување кон НАТО, порача американскиот амбасадор Бејли.

Македонските војници го отвораат патот на Македонија во НАТО, изјави премиерот Заев на вежбата „Драгун Гардијан“ на Криволак. Во Криволак, како што кажа премиерот, во иднина може да се развива инфраструктура за тренинг на македонските војници кои учествуваат во мисиите.
„Владата заедно со Парламентот размислува за унапредување на севкупниот буџет на нашата армија којашто и тоа како е многу важна прво за нас, но и за нашата севкупна подготвеност во мисиите и мировните мисии коишто армијата насекаде ги одржува во светот“, додаде премиерот Заев.
Тоа што можеше да се види денеска во Криволак во два типа на вежбовни активности, Заев рече дека го прави горд што имаме ваква армија којашто заедно може да се носи рамо до рамо со професионалците од армијата на САД.
Ваквите активности можат да помогнат да се унапредат македонските аспирации за придружување кон НАТО, порача американскиот амбасадор Бејли.
„На дело го видовме нашето воено партнерство. Видовме американски војници, македонски војници како работат заедно на две специфички задачи за инженери. Како што знаете сите, во сите воени операци инженерството е многу важна компонента. Ова докажува дека има војници кои се достојни за таа задача. Ваквите активности не само што им помагаат на војниците да се подготват за воени операции, туку и за случаи кога ги повикуваат за хуманитарни операции“, нагласи амбасадорот Бејли.
На армискиот полигон во Криволак единиците на АРМ и Армијата на САД демонстрираа изработка на полетно- слетна патека за безпилотски летала.
