Животот на Ченто како македонско премрежје

31.07.2017 13:38

Илинден и заседанието на АСНОМ ги враќаат сеќавањата на првиот македонски државник по ослободувањето- претседателот на президиумот на АСНОМ- Методија Андонов- Ченто. Годинава јубилејна за него и за нас, 115 години од неговото раѓање и 60 години од смртта. Децении неспоменуван, уште толку рехабилитиран, Методија Андонов- Ченто е неизбришлив дел од поновата македонска историја...

Пред 60 години, тогаш 14-годишната Марија Илијоска била дел од поворката која го испратила Ченто на вечното почивалиште. Денес е доволна една слика да и ги врати спомените.

„Јас сум таа што ја носам сликата, на моја 14 годишна возраст“, вели Илијоска.

Со децении неспоменуван, 30-ина години рехабилитиран, прилепчанецот Методија Андонов Ченто, во секој случај, ја испиша поновата македонска историја. Oстанува неизбришливо забележан како првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, воопшто, првиот државник на Македонија по Втората светска војна.

Според историчарите, неговите заложби за самосотојна, обединета Македонија беа и негови окови. Неговото излегување во партизани како семеен човек е пресвртница.

„Ченто кога излегува во Партизани има 41 година. Има четири деца, значи бил оформен фамилијарно. Тоа значело и повлекување на напредните дејци. Мислам дека тоа е еден од преломните моменти за растот на партизанското движење“, смета историчарот Рубин Белчески.

Семејството на Ченто смета - малку се 6 децении да се заборави неправдата кон него.

„Драго ќе ми биде ако неговото име остане забележано долго време во колективната меморија на народот. Ниту една рехабилитација не може да го расветли тоа, не се знае кој е виновникот за тоа што му се случило“, вели Марија Јакимоска, ќерка на Ченто.

Прилепчани ги враќаат размислувањата за Ченто. За историчарите, животот на човекот кој остави траги во македонската историја треба да се раскаже пред новите генерации.

Приказната за првиот македонски државник по ослободувањето, е воедно циклична приказна за македонскиот народ низ вековите.

 

Елизабета Митреска