АРМ го отвора патот кон НАТО
АРМ го отвора патот кон НАТО, изјави премиерот Заев на вежбата „Драгун Гардијан“ на Криволак. Ваквите активности можат да помогнат да се унапредат македонските аспирации за придружување кон НАТО, порача американскиот амбасадор Бејли. На армискиот полигон во Криволак единиците на АРМ и Армијата на САД демонстрираа изработка на полетно- слетна патека за беспилотски летала.

Македонските војници го отвораат патот за полноправно членство на земјата во НАТО. Нашата Армија стои рамо до рамо со американската, како чувар на мирот во светот, изјави премиерот Заев на полигонот Криволак кадешто 300 американски и 95 македонски војници ја реализираат вежбата „Драгун Гардијан 17“. Премиерот рече дека со потпретседателот на САД Мајк Пенс во Црна Гора на состанокот на Јадранската група, ќе разговара за идните планови и ќе ја побара поддршката на САД за Македонија да стане членка на Алијансата.
„Криволак во иднина може да се развива инфраструктура за тренинг на македонските војници кои учествуваат во мисиите. Владата заедно со Парламентот размислува за унапредување на севкупниот буџет на нашата армија којашто и тоа како е многу важна прво за нас, но и за нашата севкупна подготвеност во мисиите и мировните мисии коишто армијата насекаде ги одржува во светот“, изјави премиерот Заев.
Во рамки на вежбовните активности беше прикажано справувањето со импровизирани експлозивни направи, како и и изградба на писта за дронови.
„Овде целата работа е завршена. Сега се става финалниот слој од патеката за слетуање, а во западниот дел се поставува базичниот слој“, изјави војник.
Патеката ќе биде долга 300, а широка 30 метри. За неколку дена, на оваа локација на армискиот пологон Криволак треба да биде изградена полетно-слетувачката патека за беспилотни летала којашто по завршување на вежбата ќе им остане на користење на македонските војници.
Амбасадорот Бејли заклучи дека вежбите како оваа ќе и помогнат на нашата земја за интеграција во НАТО.
„На дело го видовме нашето воено партнерство. Видовме американски војници, македонски војници како работат заедно на две специфички задачи за инженери. Како што знаете сите, во сите воени операци инженерството е многу важна компонента. Ова докажува дека има војници кои се достојни за таа задача. Ваквите активности не само што им помагаат на војниците да се подготват за воени операции, туку и за случаи кога ги повикуваат за хуманитарни операции“, нагласи амбасадорот Бејли.
Вежбата ќе се спроведува до 10-ти август. Во меѓувреме жителите на 6 градови во државава имаат можност одблизу да се запознаат со опремата и возилата на оружените сили на САД и на Македонија.
Анита Димитријевска
