Нема резултати за Хеморагична треска

31.07.2017 15:37

Надлежните сѐ уште не соопштуваат дали седумтемина хоспитализирани на Инфективна имаат хеморагична треска. Се чека министерот да се врати од пат и да ги соопшти резултатите...

Неколку дена надлежните не соопштуваат дали седумината хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести имаат Хеморагична треска. Иако, лекарите потврдуваат дека овие пациенти се во стабилна состојба, сепак се изолирани во посебен оддел. Материјали за лабораториско испитување се доставени во Институот за јавно здравје, пратени се примероци и во Косово и Тирана.

Заменик министерот Чакаровски, не сакаше да кометира за овој случај, најави дека утре прес- конференција ќе одржи ресорниот министер Арбен Таравари кој е во работна посета на Америка. Од здравствените власти нема одговор ниту на кој начин се заразиле со Хеморагична треска двајцата починати од гостиварското село Симница, преку вода, храна или убод од инсекти.

„Утре министерот ќе одржи прес конференција и ќе ве информира за целиот настан“, изјави Гоце Чакаровски, заменик- министер за здравство.

Изминатите денови на терен во гостиварско беа и тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство. Од бачилото каде престојувале двајцата починати, земени биле мостри од водата, храната и млечните производи, но се уште се чека и на овие резултати.

Во меѓувреме, смена на голем број на директори на клиники.

„Ги работиме документите, не ги знам сите на памет да ги соопштам, меѓутоа денеска ќе назначиме директори на 33 здравствени институции. Кои остануваат, тие сигурно ги знаете? Не знам кои директори остануваат, стрпете се ќе добиете информација“, рече Чакаровски.

Чакаровски најави дека до крајот на оваа работна недела сите здравствени институции ќе добијат нови директори.

 

Андријана Атанасовска