Планот 3-6-9 презентиран на Иванов

31.07.2017 15:51

Владиниот План 3-6-9 презентиран на Иванов. Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи вели дека за откочување на евроинтеграциските процеси потребно е вклучување на сите институции, како и надминување на партиските дејствувања. Иванов побарал решенијата за реформите да бидат согласно Уставот...

Потребно е креирање на политичко и институционално единство за спроведување на зацртаните реформи неопходни за евроатланските интеграции- рече вицепремиерот Бујар Османи по средбата со претседателот Ѓорге Иванов на која го информирал за спроведување на Планот 3-6-9. Османи потенцира дека во тој план и претседателот има ингеренции во делот на бегалската криза, разузнавачките служби, меѓуетничките и меѓусоседските односи. Османи потенцира дека на Иванов му посочил оти Законот за употреба на јазиците е подготвен и ќе го мине владиниот филтер.

„И покрај тоа што доаѓам од Влада, меѓутоа и од политичка партија која што изминатиот период го спореше легитимитетот на претседателот, имајќи предвид дека остануваме на ставот дека консензуален претседател е најдобриот начин за избор за претседател на државата како кохезивен столб на општеството, а така треба да биде и во иднина. Сепак, сметам дека овој прозорец на можност што се појавува секој треба да даде придонес за инклузивост во целиот процес за една деполаризација, за давање рака на соработка со сите институции, меѓутоа и за сите политички партии со цел процесот на интеграциите да го издвоиме и да постигнеме државен и општествен консензус за да направиме конкретен исчекор во делот на интеграциите“, изјави Османи.

За Планот 3-6-9 Османи се надева дека ќе оствари средба и со опозицијата и со Националниот совет за евроинтеграции. Овој процес мора да се издвои од дневната политика и да се постигне државен и општествен консензус за евроинтеграциите.

Во соопштението од кабинетот на Иванов, се наведува дека на средбата, претседателот побарал решенијата во реформите на системот за безбедност и одбрана да бидат во согласност со уставните обврски на Советот за безбедност на Република Македонија, додека за заканата од илегална миграција, македонскиот претседател побарал да се постапува во согласност со воспоставената процедура во Законот за управување со кризи.

 

Миле Ристески