Македонија утре ќе ги одбележи двата историски Илиндена

01.08.2017 10:25

Претседателот Иванов ќе положи венци пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев во Скопје, а ќе се обрати пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.

Одбележувањето на 114-годишнината од Илинденското востание и на 73-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе почне утре во црквата Свети Спас во Скопје, каде што пред присутните ќе се обрати премиерот Зоран Заев, а ќе присуствува и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Програмата потоа продолжува со заедничко чествување и двајцата премиери ќе положат цвеќиња на гробот на Гоце Делчев во дворот на црквата. Претседателот Иванов ќе положи венци пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев во Скопје, а ќе се обрати пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.

Во меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце ќе говори вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Централното одбележување на Денот на Републиката 2-ри август ќе се одржи на Мечкин Камен во Крушево, каде што ќе говори претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Со свечено подигање на барјакот на Крушевската Република на Гумење, вечер, по 50-ти јубилеен пат, во Крушево ќе почнат научно- културните средби „10 дена Крушевска Република“.