Расправа за ребалансот на државната каса

Ребалансот се темели на прогноза за раст на БДП од 2,2%

01.08.2017 15:42

Ребалансот ќе овозможи намалување на непродуктивните трошоци и отворање простор за реализирање на нови мерки на владата, нагласи во експозето пред собранието министерот за финансии, Драган Тевдовски. Според него, ограничувачки фактор е висината на доспеаните и неплатени обврски на државните институции, а Владата преку забрзан поврат на ДДВ се обидува финансиски да ги поддржи компаниите и да ја забрза економската активност. Расправата во Собранието ќе трае најмногу 5 дена.

Ребалансот се темели на реална прогноза за раст на БДП од 2,2% наспроти проекциите на НБРМ, Светска банка и Европската комисија од 2,5, односно 2,8 или 2,9 насто, нагласи ресорниот министер Драган Тевдовски. Според него, тоа е доказ дека Владата се откажува од практиката на преоптимистички макроекономски проекции. Основна цел на Владата е намалување на непродуктивните трошоци и создавање простор за финансирање на новите мерки, рече Тевдовски.

„Кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди простор за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка на граѓаните и домашните претпријатија. Тие мерки се минималната плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и на земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично. Капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите 6 месеци од годинава кое изнесува 8,7 милијарди денари“, изјави министерот Тевдовски.

И покрај намалувањето, капиталните расходи се сериозно повисоки од реализираните во последните 4 години, кои не надминувале износ од 19 милијарди денари, појасни Тевдовски. Повеќе пари, 1,2 милијарди денари се предвидени за зајакнување на капацитетот на Фондот за пензиско осигурување за редовна исплата на пензиите, за социјални трансфери се наменети 200 милиони, а Фондот за здравство ќе добие дополнителни 600 милиони денари. За опозицијата, овој ребаланс на буџетот не е реформски. Власта крати проекти од интерес за граѓаните, а ги зголемува ставките за плати со што остава простор за вработување партиски кадри.

„Знам дека овој буџет и ребаланс не е реформски. Односно, ова не значи реформа во делот на економијата. Затоа што кратењето на капиталните инвестиции кои значат раст и развој на економијата, како во делот на извоз, потрошувачката, вработувањата во основа и во старт се кратат со овој ребаланс на буџет, а за сметка на тоа имаме зголемување на плати со кои, за жал, ќе се вдомат партиски луѓе“, рече Лилјана Кузмановска, ВМРО-ДПМНЕ.

Ограничувачки фактор за раст се и доспеаните а неплатени обврски вредни 364 милиони евра, рече Тевдовски. Државата ќе го поддржи стопанството со забрзан поврат на ДДВ, само во јуни и јули биле вратени 3,9 милијарди денари, наспроти 2,3 во истиот период лани. За ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот ребаланс значи ново задолжување за 148 милиони евра, растот ќе биде 1,5 насто, а буџетскиот дефицит ќе надмине 3,5 насто.

Свето Николовски