Продолжува расправата за ребалансот на буџетот

За опозицијата ребалансот е неразвоен, Тевдовски вели- капиталните инвестиции се реално поставени

03.08.2017 16:30

Во Собранието пленарна расправа за прекројувањето на државната каса. За опозицијата- ребалансот е неразвоен, се кратат капиталните инвестиции и се вработуваат партиски кадри. Првиот финансиер тврди- капиталните инвестиции се реално поставени и оптимистички проектирани...

Втор ден од општата расправа за ребалансот на буџетот во законодавниот дом. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини за сериозни кратења на капиталните инвестиции за 58 милиони евра, со што власта оневозможува реализација на проекти од интерес на граѓаните, пред сѐ, во образованието, науката, изградбата на детски градинки, здравството. ДУИ со забелешка на несоодветното ниво на пари за рамномерен регионален развој. Владејачката СДСМ со коментар дека кога владеела сегашната опозиција, не реализирала ниту една капитална инвестиција во најголемата општина во земјава.

„Вие вршите кратење на капиталните инвестиции, ги зголемувате непродуктивните трошења бидејќи сите тие проекти се ок,доколку во буџетот има доволно средства или повеќе средства, отколку што имаме реализација на приходната страна, тогаш расходната страна може со мирна душа да ја трошиме“, изјави Владанка Авировиќ-пратеник на СП.

„Вие во Општина Куманово, како 7% од оваа држава, најголема општина, не успеавте да реализирате ниту една капитална инвестиција. Се фалевте дека сте изградиле детски градинки повеќе од 26, а во Куманово ниту една“, рече Максим Димитриевски- пратеник на СДСМ.

„За рамномерен регионален развој и со ребалансот нема измени. Согласно со законските одредби повторно нема пораст, значи остануваат 3,7 милиони како што беше предвидено со иницијалниот буџет. А треба да биде некаде околу 80 милиони“, вели Ејуп Аљими од ДУИ.

Реагираше министерот за финансии Тевдовски. За капитални инвестиции во образованието, наместо минатогодишните 1,1 милијарда денари, со ребалансот се предвидени за 64% повеќе средства или 1,8 милијарди. Предизвик ќе биде предвидените капитални инвестиции да се реализираат до крајот на календарската 2017-та, коментираше Тевдовски.

„Во првите 6 месеци од годината реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 8,7 милијарди денари. Ние денеска ги поставуваме на 23,4 милијарди: тоа значи дека практично за следните 5 месеци, до крајот на годината, ние проектираме капитални инвестиции коишто се во износ скоро колку реализацијата во цела 2016-та година. Тоа воопшто не е кратење, туку дури оптимистичко планирање“, нагласи Тевдовски.

За разгледување на предложениот ребаланс на државната каса, според деловникот, пратениците имаат на располагање уште три дена.

Свето Николовски