Продолжува расправата за ребалансот на буџетот
Прашањето за огласот за нови полицајци и потребните средства во буџетот за оваа намена – тема и на собраниската седница на ребалансот на државната каса.
Во фокусот на опозицијата на третиот ден од расправата за ребалансот на државната каса се најде огласот за 500 нови вработувања во МВР. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Мукоски, Стевананџија, Цуклев и Манојловски бараа од власта да каже во која буџетска ставка се предвидени средства за оваа намена.
„Во буџетот треба да бидат предвидени средства за оние 500 полицајци кои ќе ги вработите во МВР. Треба да бидат предвидени средства за бруто плати за нови 500 полицајци во МВР. Барав, барав, не успеав да ги најдам во ниту една ставка од буџетот. Ќе ве молам во контрарепликата кажете ми во која ставка од буџетот се предвидени средства за бруто плати за нови 500 вработувања во МВР“, изјави Драган Цуклев, ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ со одговор дека тие не се дел од овој ребаланс, затоа што годинава нема да добијат ниту решенија за вработување.
„Она што говорите за вработувањата во МВР. Тие ќе вршат обука во текот на наредната една година. Тие нема да добијат ниту решение, ниту се предвидени во средствата на буџетот за овој ребаланс“, рече Благојче Трпевски- СДСМ.
Во расправата владејачката СДСМ со тврдења дека новите автопати ќе бидат преплатени со десетици милиони евра, поради неквалитетното планирање и реализација. Опозицијата возврати со 300 милиони долари потрошени за незавршената пруга кон Бугарија, за што според неа, никој досега не одговарал.
Свето Николовски