Владата прогласи кризна состојба во Македонски Брод и Чашка за поефикасно справување со пожарите
Спасовски рече дека во овие две места се прогласува кризна состојба не поради тоа што ситуацијата е излезен од контрола, туку поради тоа што треба координирана акција меѓу институциите на системот.

Владата на Репубика Македонија на вчерашната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во подрачјето на општините Македонски Брод и Чашка каде што веќе неколку дена има активни пожари, соопшти вечерва вицепремиерот и министер за внатрепни работи Оливер Спасовски. Кризната состојба ќе трае 30 дена.
Оваа одлука е донесена со цел да можат во координирана акција сите институции на Република Македонија, да делуваат на состојбата за справување со пожарите и на еден поефикасен начин да се одговори на оваа ситуација, бидејќи гледаме дека во наредниот период ќе имаме временски услови со високи температури, а со тоа и можнст за ширење на пожарите. Ова е една од мерките која што ќе гарантира безбедност за овие региони и успешно справување со овие пожари, до нивно целосно гасење, рече Спасовски, кој е и претседавач на Управувачкиот комитет за управување со кризи.
Исто така, Владата ги задолжи сите надлежни институции да се вклучат и да помогнат во делот со справувањето со кризната состојба во овие две општини, и, генерално, ако затреба каде било доколку има потреба со справување со пожарите на целата територија на Република Македонија.
Спасовски рече дека во овие две места се прогласува кризна состојба не поради тоа што ситуацијата е излезен од контрола, туку поради тоа што треба координирана акција меѓу институциите на системот.
За овие две подрачја констатиравме дека имаме потреба од прогласување на кризна состојба со цел да се елиминираат до крај овие пожари, без да имаме тенденција на можно ширење. Бидејќи ако немаме кризна состојба ДЗС, односно локалните самоуправи ќе треба самостојно да се справуваат. Вака ќе треба да се приклучат сите институции на Република Македонија и да ги стават сите расположливи средства и ресурси на располагање во справувањето со овие состојби, изјави Спасовски
Нагласи дека институциите се во координација и нема место за паника кај граѓаните. Интервенираат противпожарните бригади, ангажирана е АРМ, а со воздухоплови помагаат и Бугарија и Турција.
Спасовски упати и апел до граѓаните на Република Македонија, да им помогнат на институциите во справувањето со пожарите.
Поради временските прилики, поради невниманието на граѓаните и така натаму, може да дојде до опожарување на било кој дел од територијата на Република Македонија и затоа треба координирана акција, во која и граѓаните ќе треба да помогнат, превентивно, покрај институциите кои што се задолжени за тоа. Министерството за внатрешни равоти, и Шумската полиција, и останатите институции кои што работат на превенцијата, но и граѓаните можат многу да помогнат. Да пријават на време и да ги повикаат институциите таму каде што има потреба да делуваат, рече Спасовски.
