Матка- најпосетена дестинација за разладување во Скопје

07.08.2017 11:06

Матка останува едно од главните места за разладување на Скопјани, но и на туристите. Освен што наоѓаат прибежиште од тропските горештини, уживаат во убавините што ги создала природата.

Се чини овде африканскиот бран не допира. Пожарите стивнале. Кристално чиста и ледена реката Треска го минува кањонот и патем целосно го освежува. Колона луѓе пристигнуваат, уште толку ја напуштаат. Ги има од секаде.

„Разбравме од телевизија дека имало пожари, но ние еве дојдовме. Имате прекрасна природа се уште, но треба да си јачувате“, вели турист од Бугарија.

„Овде и храната е превкусна. Во планината е чисто, но овде долу е многу валкано“, додава туристка од Бугарија.

„Местово е многу убаво, ние организирано доаѓаме секој втор викенд“, вели турист од Косово.

„Тма преубава природа, клима, и пред се чувство поради прекрасната вода и планина“, изјави туристка од Велика Британија.

Едни се капат. Други само се разладуваат. Трети уживаат во воздушната бања. Таксистите и трговците тријат раце. Од сувенири најмногу се купуваат магнетчиња, а патем и некое освежување.

Местото познато во светски рамки по големиот број реликти и ендемични растенија и животни, едноставно мами и повикува.

 

Фиљана Кока