Костовски: Сомнежи за идни злоупотреби во здравството
Според ВМРО-ДПМНЕ, претстојат фатални последици врз квалитетот на здравството и здравствените услуги...

Поставувањето директори на здравствени установи кои се во роднински врски со сопственици на веледрогерии се потенцијален ризик за корупција и создавање нелојална конкуренција, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, претстојат фатални последици врз квалитетот на здравството и здравствените услуги.
„Владата на СДС и министерот Таравари го претвораат здравството во семејна фирма на неколку фамилии блиски до власта. Таравари и Заев отвараат можност за корупција и сомнежи за криминал во иднина. Со именувањето на ќерката и зетот на сопственикот на една од поголемите веледрогерии во државата за директори на едни од најголемите здравствени установи се отвара можност за судир на интереси и создавање на нелојална конкуренција на пазарот со веледрогерии“, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Костовски кажа дека поставување на лица за директори во здравствени установи кои се во роднински врски со сопственици на веледрогерии се потенцијален ризик за корупција и создавање на нелојална конкуренција на пазарот помеѓу веледрогериите, каде се отвара сомнеж дека една фирма секогаш би била во поповолна ситуација на тендерите во здравството заради роднинските врски на газдата на истата со директорите на здравствените установи.
