Карпалак: Незаборав за загинатите бранители
Бранителите и натаму бараат споменик на местото каде што загинаа 10-те нивни колеги во војната против терористите во 2001-вата година. Сеќавањата присутни како и пред 16 години...

„Прилепските бранители ја пролеаа својата крв која секогаш ќе биде свежа на ова место, овде на карпалак, место на нашиот непребол“- рече во своето обраќање претседателот на Одборот на бранители, Марин Најдов. Потенцира дека нивните тела ги вградиле за зачувување на границите на државата на која и покажале дека неизмерно ја сакаат и дека се подготвени да го жртвуваат најсветото од себе- животот.
Бранителите повторно со апел, на ова место да се изгради достоинствен споменик на овие загинати херои.
Од вкупно 78 загинати бранители чиишто имиња се наоѓаат на споменикот во Скопје, 14 семејства не добиле никакво обесштетување заедно со уште 54 повредени лица за време на конфликтот во 2001-та година, вели воениот инвалид, Ацо Стојановски.
На одбележувањето на 16- годишнината од масакрот кај Карпалак положија венци собраниски, владини и армиски делегации и роднини на загинати бранители од Прилеп.
8-ми август 2001-ва година ден запишан во македонската историја. Кај месноста Карпалак загинаа 10-те македонски бранители кога конвојот на АРМ беше нападнат од заседа. Само неколку дена потоа беше потпишан Охридскиот договор.
Ана Јосифоска- Тодоровска
