Супер куп во Скопје: Почна одбројувањето за фудбалскиот спектакл

08.08.2017 14:52

Само уште неколку часа од почетокот на супер спектаклот во главниот град на Македонија. Скопје дише во ритамот на Супер купот. Централниот македонски стадион вечер е средиште на битката меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. Кој ќе победи? Навивачите од едната и од другата екипа со различни желби. Се прогнозира резултатот. Ниту жешкото време не ги спречи да уживаат во атмосферата пред натпреварот. Безбедноста е на завидно ниво. Распоредени се над 2.600 полицајци. Сѐ е подготвено за настанот на деценијата во земјава...

Неутралната фан зона во центарот на Скопје генерира силна енергија. Стотици навивачи се подготвуваат за вечерното дерби. Топлото време не е пречка, градот дише во фудбалска атмосфера.

Не е важно да се победи, важно е да се учествува, рекол познатиот француски историчар Пјер де Кубертен, но очигледно со оваа мисла не се согласуваат навивачите на двата елитни фудбалски клубови. Велат, во Скопје дошле за да ги поддржат своите фаворити, но и дома да се вратат со престижниот пехар.

Важно е да победиме. Ова е последниот натпревар пред следната недела кога ќе играме натпреварувачки. Сепак, победата ќе му значи повеќе на Манчестер Јунајтед, отколку на Реал Мадрид. Се знае дека сакам да победиме. Моето мислење е дека ќе биде тесна битка. Да бидеме фер, Роналдо не играше во првиот натпревар, а тоа прави голема разлика. Тој е фантастичен играч. Мислам дека ќе го искористат вечерва“, вели навивач на Манчестер.

Реал Мадрид или Манчестер Јунајтед, фановите бетонирани во своите ровови- велат ќе биде неизвесно до последната минута, но се надеваат на победа.

Ние сме од Манчестер. Ќе бидеме подобри од нив. Овде сме околу пет до десет илјади. Ќе им испееме „Довидување“. Ќе победиме, дефинитивно“.

Беа во Америка во последните две-три недели, па, мислам дека сега се во добра состојба. Барем се надеваме“- велат навивачите на Манчестер.

Фанови на Реал од Шпанија има помалку, но со ист ентузијазам ќе бодрат од трибините.

Мадрид ќе победи со 2:0. Се надевам дека во 60-тата минута Роналдо ќе даде гол.

„Ние сме најдобриот тим во светот, така што мора да победиме. Но Манчестер Јунајтед се исто така добар тим. Тешка игра, ќе биде добро... Конечниот резултат? Можеби Кристијано Роналдо, тој нема да го игра целиот натпревар, но можеби во последните минути.

Мислам дека Реал Мадрид ќе победи 3 спрема 1. Ние имаме подобри играчи, како што е Кристијано Роналдо, Серхио Рамос и затоа мислам дека ќе победиме вечерва“- велат навивачите на Реал Мадрид кои ги анкетиравме.

Како се топат минутите пред натпреварот, така возбудата расте. Едно е сигурно, Скопје е домаќин на фудбалски спектакал за кој ќе се раскажува уште многу долго.

 

Анита Димитријевска