Топло време: Да се почитуваат препораките на лекарите
Метеопатите почнуваат да ја чувствуваат најавената промена на времето. Лекарите велат дека заладувањето е добредојдено за организмот но, сепак предупредуваат дека драстичниот пад на температурата може да влијае на здравјето. Препорачуваат хронично болните да ја примаат терапијата редовно. До недела, останува апелот и да се бега од сонце и да си пијат многу течности...

Викендов граѓаните ќе можат да здивнат, нѐ очекува заладување. Лекарите со препорака- да се внимава со терапијата. Според нив, на организамот може да му влијае драстичниот пад на температурата. Метеопатите веќе почнуваат да ја чувствуваат промената на времето.
„Очекуваме за 10- тина степени да се намали температурата, промената први ја чувствуваат метеопатите. Еден до два дена порано тие ја чувствуваат промената, некои со болки во зглобовите, некои со пад на крвниот притисок, некои имаат тахикардија во зависност кој од што боледува. Јас би апелирал да ја земаат пропишаната терапија, да ги почитуваат препораките, сите мислиме дека нас тоа не може да ни се случи, но од кога ќе се случи веќе е доцна“, изјави д-р Љупчо Пајковски, Итна медицинска помош.
Термометарот денеска и утре останува на 40-тиот степен, Македонија веќе една недела е во портокалова фаза- граѓаните мака мачат со горештината и високиот УВ индекс, но велат, мора да се завршат секојдневните обврски.
„Од топлото време имам висок притисок, не можам да излезам надвор.“
„Штетно е за сите, па и за нас старите, меѓутоа обврските се поважни.“
„Седиме повеќе дома, не излегуваме.“
„Сега си одам дома на ладно, со ладни напитоци, лесна храна и да спиеме“- велат граѓаните кои ги анектиравме.
Колапси, вртоглавици, висок притисок, проблеми со срцето- се најчестите интервенции на лекарите во итната медицинска помош. Се делат по стотици совети дневно. Еден од нив е да не се излегува кога е најјако сонцето, апел и до возачите на поголема внимателност - високата температура ја намалува концентрацијата .
Поради топлиот бран што ја зафати државата, надлежните препорачуваат граѓаните да пијат повеќе течности, да носат светла облека, а повозрасните лица навреме да ја земаат потребната терапија.
Андријана Атанасовска
