Дебата за стратегијата за бегалци во Собранието

10.08.2017 16:17

Сѐ поголем број општини ја прифаќаат идејата за референдум на кој граѓаните би се изјасниле за примање бегалци на нивна територија. Градоначалникот на Свети Николе вели дека тие имаат премногу сопствени проблеми за да можат да мислат на нечии туѓи. Опозицијата останува на ставот дека стратегијата се носи задкулисно, власта обвини за ксенофобија...

Граѓаните на Свети Николе се загрижени дали во општината ќе се населуваат бегалци, а ние таква можност немаме бидејќи се бориме со сопствените проблеми- изјави градоначалникот Зоран Тасев на јавната расправа за стратегијата за интеграција на бегалците. Вели ако е потребно дека ќе организира референдум, за граѓаните на Свети Николе сами да одлучат дали кај нив ќе се интегрираат бегалци.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против стратегијата која се носи, како што велат, задкулисно. Тврдат дека земјава нема капацитет во однос на ресурси за да се снајде со населувањето на бегалците на овие простори. Првенствено недостасува стручен кадар кој ќе работи и со цели семејства.

Јагода Шахпаска пак обвини дека опозицијата во Собранието се ксенофоби. Тврди дека новата предлог стратегија е продолжение на онаа од ВМРО-ДПМНЕ изготвена со рок до 2015-та година.

На расправата првиот синдикалец Живко Митревски рече дека основен приоритет за земјава треба да е вработувањето на над 200.000 македонски граѓани, но и стратегија за изградба на социјално солидарни станови за македонските граѓани.  Митревски вели дека синдикатите не биле консултирани, а за стратегијата за бегалци покрај останатите мислење треба да даде и Социјално- економскиот совет.

 

Миле Ристески