Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за работата Тевдовски
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесоа интерпелација за работата на министерот за финансии, Драган Тевдовски. „Целосно неразвојниот ребаланс на буџетот за 2017 година, значителното намалување на капиталните расходи, засиленото и неосновано задолжување на граѓаните на домашниот пазар“, се само дел од причините кои ги наведуваат. Од СДСМ одговараат – интерпелацијата е неоснована, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи на штета на граѓаните.

Интерпелација за министерот Драган Тевдовски поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, првиот човек на финансии демонстрирал незнаење и неспособност да ракува со државната каса. Како причини за негова смена, пратениците наведуваат пропусти во работењето.
„Како главна причина за интерпелацијата се наведуваат целосно неразвојниот ребаланс на буџетот за значителното намалување на капиталните расходи, засилено и неосновано задолжување на граѓаните на домашниот пазар, зголемување на износот предвиден за задолжување на меѓународните финансиски пазари, непочитување на народните претставници во собранието и манипулирање со економски податоци, параметри и индикатори“, изјави Љиљана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Кузмановска вели дека Тевдовски е министер за кратење и за задолжување и треба да замине од функцијата.
Реагираа од владеачката партија. Со поднесената интерпелација против Тевдовски, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи на штета на граѓаните и потврдува дека е против транспарентно и отчетно раководење со јавните финансии и Буџет во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните и зајакнување на економијата, велат од СДСМ.
„Со неоснованата интерпелација, ВМРО-ДПМНЕ е против минимална плата од 12.000 денари за сите работници вклучително и работниците во кожарската и текстилната индустрија. Со гласањето против ребалансот на буџетот подготвен од министерот и министерството за финансии ВМРО-ДПМНЕ докажа, а со денешната интерпелација и потврди дека е против трајното решавање на статусот на стечајните работници, против укинувањето на радиодифузната такса, против субвенциониран годишен одмор на најнископлатените работници и против поголема помош за претпријатијата- мерки што се обезбедуваат со ребалансот на буџетот“- се вели во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз.
Ова е четврта интерпелација што ја поднесува ВМРО-ДПМНЕ против министри од новиот владин состав. Бараат да се расправа за смената на министрите за земјоделство, за труд и социјална политика и за надворешни работи. Најавија дека во периодот што следува ќе поднесат уште три интерпелации.
Анита Димитријевска
