Изгаснат пожарот кај Трескавец, повеќе активни жаришта низ земјава

10.08.2017 17:24

Изгаснат е силниот пожар кој се ширеше околу Трескавец, нема опасност за манастирскиот комплекс– соопштија од прилепската локална власт. Повеќе од сто луѓе се одзвале на апелот да помогнат во гаснењето на огнената стихија. Центарот за управување со кризи информира дека се уште има активни жаришта на пожари во општините Македонски Брод и Чашка. Хеликоптер на армијата дејствувал на повеќе подрачја...

Изгаснат е големиот пожар кој гореше околу „Трескавец“ и повеќе немало опасност за манастирскиот комплекс. По повикoт, веднаш се пријавиле над 100 доброволци и цела ноќ се бореле со огнената стихија. Околу манастирот има распоредено 70 луѓе кои ќе останат таму и во наредните 24 часа за случајно да не се разгори.

Од Центарот за управување на кризи информираа дека во земјава се активни се повеќе жаришта на пожари во општините Македонски Брод и Чашка, каде има прогласено и вонредена состојба, како и пожари во општините Кавадарци, Кичево, Долнени, Прилеп, Тетово и Брвеница.

Во општина Македонски Брод во моментов се присутни жаришта во атарот на селото Растеш, Појавен е нов пожар во атар на село Грешница во непосредна близина на претходниот, изјави Надица Вчкова, портпарол на ЦУК.

Посочи дека во моментот таму е ангажиран еден хеликоптер на АРМ, кој дејствува и на атарот на селата Брест, Растеш, Волче и Заград.

Во тетовскиот регион, додаде, активен е пожарот над село Копанце, Туденце и Сиричино, во општина Јегуновце, каде што гори сува трева и нискостеблести жбунести растенија на карпест и тешко пристапен терен. Пожарот во атарот на село Гургурница во општина Брвеница е активен. Гори сува трева и пасишта, изјави Вчкова.

 

Игор Панов