Османи: Македонија гради добри односи со сите соседи, нема да носиме избрзани одлуки
За нас е важно да ги затвориме отворените прашања со соседите, нема да избрзуваме со никакви одлуки во тој правец, ќе чекаме да се добијат сите детали- рече вицепремиерот за евроинтеграции Османи...

Не стивнуваат реакциите по одлуката на официјален Белград да го повлече амбасадорот и персоналот од Амбасадата во Скопје, поради како што изјави претседателот Вучиќ, дејствување против српските институции.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ најави дека за новонастанатата ситуација, српскиот претседател утре телефонски ќе разговара со македонскиот премиер Заев, а тој ќе разговара и со својот македонски колега Димитров.
„Со ништо не може да се утврди дека Србија на каков било начин презела нешто против интересите на Македонија. Србија сака добри односи со Македонија, сакаме добрососедски односи, но тие треба да се засноваат на принципот на реципроцитет“, вели шефот на српската дипломатија.
Македонија гради добри односи со сите соседи и нема да носиме избрзани одлуки, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Османи.
„Тоа што може е да ја поздравиме изјавата од српска страна односно нивниот официјален став за заштита на пријателските односи и враќање на состојбите во вообичаените рамки“, рече Османи на денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија.
Додаде дека не треба да се шпекулира во однос на причината. - За нас е важно да ги затвориме отворените прашања со соседите, нема да избрзуваме со никакви одлуки во тој правец, ќе чекаме да се добијат сите детали по однос на тоа прашање. Важно е да има позитивна волја од двете страни и да се вратат состојбите во вообичаените односи, нагласи Османи.
