Телефонски разговор Вучиќ- Заев

23.08.2017 12:56

Засега нема официјална потврда за телефонскиот разговор. Македонскиот премиер Заев за српски „Блиц“ изјави дека Владата е силно посветена на изградбата на добрососедски односи со Србија...

Според најавите, македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ напладне требаше телефонски да разговараат за последните случувања за односите меѓу Белград и Скопје и за повлекувањето на целиот персонал од Српската амбасада во Македонија. Засега нема официјална потврда за телефонскиот разговор.

Македонскиот премиер Заев за српски „Блиц“ изјави дека владата е силно посветена на изградбата на добрососедски односи со Србија. Без какви било предвремени заклучоци, го почитуваме и го поддржуваме повикот на официјален Белград да ги заштитиме билатералните односи меѓу Србија и Македонија и да воспоставиме стандарден кодекс на однесување, вели Заев.

На прашањето дали македонската влада склучила договор со Албанците на штета на српските интереси, Заев тврди дека тоа се лажни вести, додавајќи дека во нашата политика нема стратегија и политика на штета на Србија.

Телефонски разговор е најавен и меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји, Димитров и Дачиќ. За односите Македонија- Србија, предвидена е средба на премиерите Заев и Брнабиќ на состанокот на шефовите на владите на земјите од Западен Балкан, што во сабота ќе се одржи во Драч.