Се подготвува национална стратегија за соработка со дијаспората
Најдоцна за 10 дена до кабинетот на министерот без ресор Едмонд Адеми, треба да бидат доставени номинации за член и заменик на работната група за изготвување на стратегијата.

Владата подготвува национална стратегија за соработка со дијаспората за периодот 2018- 2023 година. Најдоцна за 10 дена до кабинетот на министерот без ресор Едмонд Адеми, треба да бидат доставени номинации за член и заменик на работната група за изготвување на стратегијата.
Изготвувањето на Националната стратегија за соработка со дијаспората ќе овозможи воспоставување на потесна соработка меѓу институциите на државата и дијаспората што е од особено значење и интерес за двете страни. Имаме за цел да поттикнеме и взаемна соработка меѓу самата дијаспора која живее и работи надвор од границите на Република Македонија, нагласи министерот Адеми.
Како причини за изработката на еден ваков документ, Адеми ги посочи системското утврдување на приоритетите на дијаспората, обезбедувањето на механизам за соработка, утврдувањето на правата и обврските од политички аспект на дијаспората, продлабочувањето на културата соработка и воспоставувањето на бизнис соработка со дијаспората.
Процесот на создавање на оваа национална стратегија ќе биде инклузивен во којшто ќе биде вклучени и јавноста преку граѓанските организации, организациите од дијаспората и индивидуалци кои живеат и работат надвор од државата, а кои ќе можат да придонесат во правец на создавање на стратегија која ќе биде сеопфатна и инклузивна, рече министерот Адеми.
