Заев- Вучиќ: Македонија и Србија ќе ги унапредуваат односите
Заев и Вучиќ, како што се наведува во заедничкото соопштение, се согласиле дека Република Македонија и Република Србија секое евентуално несогласување во меѓусебните односи ќе го решаваат исклучиво со дијалог...

Сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи помеѓу Република Македонија и Република Србија ќе се решаваат исклучиво по пат на дијалог- се согласиле премиерот Зоран Заев и српскиот претседател, Александар Вучиќ во денешниот долг и отворен телефонски разговор.
Заев и Вучиќ ги разгледале сите аспекти на новонастанатата ситуација во рамките на односите меѓу двете држави.
Без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за сочувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и Србија, стои во заедничкото соопштение.
Договорено е Република Македонија и Република Србија да вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Двете земји во согласност со прописите на меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија, се вели во соопштението.
Заев и Вучиќ се согласиле двете земји да ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и да си дадат взаемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.
