Подобра соработка со дијаспората
Подобра економска, образовна, културна и научна соработка на земјава со иселениците– работна група составена од луѓе од повеќе министерства ќе ја подготвува Националната стратегија за дијаспората за период од пет години. Работната верзија треба да биде готова до декември годинава...

Работна група составена од членови кои ќе бидат номинирани од Министерствата за надворешни и внатрешни работи, здравство, образование, како и од Агенцијата за иселеништво ќе ја подготвуваат Националната стратегија за дијаспората за период од пет години.
Како што информира министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, стратегијата треба да овозможи плодна економска, образовна, културна и научна соработка на земјава со нашите иселеници, како и со оние кои се на привремената работа во странство.
Адеми најави дека работната верзија на стратегијата треба да биде готова до декември годинава. Потоа, како што додаде тој, ќе оди на јавни расправи, во кои ќе бидат вклучени и граѓанските организации од земјава и од странство.
Според него, дијаспората може да биде значаен катализатор за економскиот раст и е важен сегмент за развој на земјата од која потекнуваат.
Причини за изготвување на Националната стратегија за соработка со дијаспората, како што рече Адеми се мапирање на дијаспората, системско утврдување на приоритетите на дијаспората, обезбедување на механизам на соработка кој ќе биде од заемна корист за државата и за иселениците.
Игор Панов
