СОНК: Одлуката за двосменско работење на градинките е избрзана
Одлуката на Министерството за труд и социјална политика за двосменско работење на градинките од 1-ви септември е избрзана- смета Синдикатот за образование, наука и култура. Претставниците на СОНК беа на средба со министерката Царовска. Ресорот преку анкета ги скенира потребите на родителите...

СОНК побара да се одложи воведување двосменско работење во градинките. Синдикатот смета дека нема доволно кадар и капацитет за спроведување на новината.
„Одлуката е крајно избрзана, без соодветни подлабоки анализи како тоа да се изведе. Ние како синдикат кој има обврска да ги штити правата и интересите на работниците, изнесовме низа прашалници, бидејќи на нашите членови и на нас како раководство не ни е јасно како ќе се одвива двосменското работење“, изјави Јаким Неделков, СОНК.
Претставниците на СОНК имаа средба со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Ресорот информираше дека ќе работи на подобрување на условите во градинките.
Децата ќе се згрижуваат од 5:30 часот наутро, а со новата одлука и до 21:30. За да се направат реални проценки, до градинките е доставен анкетен лист за родителите.
Четири градинки веќе работат во две смени, а уште 6 пројавиле интерес. Од министерството трвдат дека ќе се подобрува капацитетот во градинките и ќе се вработуваат нови кадри, а ќе усогласуваат и коефициентите за плата.
Дијана Ценевска
