Советот на јавни обвинители треба да назначи в.д. на местото на Зврлевски
Вршител на должност ќе биде назначен од неговите заменици, а ќе ја извршува должноста до изборот на нов државен јавен обвинител...

Советот на јавни обвинители денеска се очекува да назначи вршител на должноста јавен обвинител на Република Македонија, на местото на Марко Зврлевски кого Собранието на 17 овој месец го разреши од должноста.
Како што најави претседателот на Советот Петар Аневски по разрешувањето на Зврлевски, вршител на должност ќе биде назначен од неговите заменици, а ќе ја извршува должноста до изборот на нов државен јавен обвинител.
Владата на Република Македонија на завчерашната седница му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител. Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавувањето на огласот во Службен весник. Кандидатите треба да добијат мислење од Советот на јавните обвинители, а владата ќе предложи само еден како кандидат до Собранието.
Дека влегуваат во трката за наследник на Зврлевски досега потврдија адвокатите Ѕвонко Давидовиќ, Александар Тортевски, Александар Наков и универзитетскиот професор Сејфула Османи.
