Една година од стравотниот земјотрес во Италија
Жителите на централна Италија сѐ уште ги преживуваат ужасите од ланскиот катастрофален земјотрес, кога загинаа 299 луѓе. Во Аматриче, кое беше најпогодено од земјотресот, отстранети се само 12 проценти од урнатините. Поради долгите бирократски процедури, едни се уште ги очекуваат новите домови, други се сместени во одморалишта, а трети, пак, земаат ваучери за да си ја покријат киријата. Во меѓувреме, пожарникарите ја продолжуваат спасувачката операција на островот Искија по земјотресот од понеделникот.

Централна Италија се сеќава. Жителите на Аматриче, Акумоли и Аркуата дел Тронто ја одбележуваат првата годишнина од стравотниот земјотрес со магнитута од 6,2 степена по Рихтер. Во четирите региони Абруцо, Лацио, Умбрија и Марке загинаа вкупно 299 луѓе.
Во Аматриче точно на полноќ се одржа процесија. Стотици луѓе молкум и со свеќи в рака прошетаа низ градските улици за да им оддадат почит на загинатите во земјотресот. Оплакувањето беше од затворен карактер, на медиумите не им беше дозволено да присуствуваат на чинот.
На годишнината беа откриени и два споменика, едниот посветен на жртвите, другиот на кучето Камила кое пцовиса пред два месеца, а учествуваше во спасувањето на десетици луѓе.
Локалните жители секојдневно ги преживуваат ужасите на катастрофата. Во Аматриче, кое беше најпогодено од земјотресот, отстранети се само 12 проценти од урнатините.
По земјотресите од 24 август и 30 октомври беа уништени 4 илјади домови, а се монтираат само 400 типски куќи. Многу жители сè уште ги очекуваат новите домови, други се сместени во одморалишта на Јадранското Море, а има и такви кои земаат ваучери за да си ја покријат киријата.
Градоначалниците од овој дел на Италија се жалат на долгите бирократски процедури. Велат дека помошта побрзо стигнува од други делови на светот отколку од институциите на државата.
Во исто време, пожарникарите ја продолжуваат спасувачката операција на островот Искија во близина на Неапол, по земјотресот од 21 август со магнитуда од 3,6 степени по Рихтер. Загинаа две жени и уште десетици беа повредени.
Мартин Пушевски
