ВМРО-ДПМНЕ: СЈО се меша во претстојните локални избори

24.08.2017 13:10

Од партијата сметаат дека на 5-те судии неправедно им бил симнат имунитетот само поради судиско убедување.

СЈО директно се вмеша во претстојните локални избори и работи како продолжена рака на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата сметаат дека на 5-те судии неправедно им бил симнат имунитетот само поради судиско убедување.

СЈО без никаков аргумент во предметите тенденциозно опфати двајца членови на Државната изборна комисија и 5 судии на Управниот суд. На петте судии веќе им е симнат и имунитетот. Направен е преседан. Се води кривична постапка против нив само заради судско убедување. Заднината на овој преседан е друга. Токму Управниот суд треба да одлучува по жалбите околу изборниот процес и на овој начин, преку СЈО, СДС испраќа порака и ги застрашува судиите кои би одлучувале, но и го ограничува, односно намалува бројот на судии кои ќе постапуваат, вели Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

На јавноста, потенцираше Ѓорѓиевски, одамна и е јасно дека СЈО работи единствено како алатка на СДС за политичка пресметка со своите политички неистомисленици. Сега гледаме и нова улога на СЈО, а тоа е мешање во изборите.