Аневски поднесе оставка

29.08.2017 12:49

Претседателот на Советот на јавните обвинители изјави дека оставката ја поднел од лични и семејни причини. На седницата на Советот се избира вршител на должноста Јавен обвинител по разрешувањето на Марко Зврлевски.

Претседателот на Советот на јавните обвинители на Македонија, Петар Аневски поднесе оставка, потврдуваат во Советот. Аневски изјави дека оставката ја поднел од лични и семејни причини.

На седницата на Советот, Лилјана Спасевска е избрана за вршител на должноста Јавен обвинител, по разрешувањето на Марко Зврлевски.

На 4-ти септември Собранието треба да го распише огласот за избор на Државен обвинител на Република Македонија. Штом огласот излезе во Службен весник, кандидатите имаат рок од 15 дена да достават апликација. Исто толку дена им стојат на располагање на членовите на Советот на јавните обвинители да се изјаснат позитивно или негативно по однос на доставените документи на секој од кандидатите. Потоа Владата избира еден од кандидатите, за кој има позитивно мислење од Советот, и го предлага на гласање во Парламентот.

Јавниот обвинител во Собранието се избира со 61 глас. Има мандат од 6 години.