Нов правилник за безбедност при работа
Групацијата за безбедност при работа на Стопанската комора на Македонија подготви нов предлог правилник кој е целосно усогласен со соодветната регулатива на Европската унија. Со тоа, како што велат од Групацијата, ќе се надминат проблемите што ги имаат компаниите при изготвување проценка на ризик за одделни работни места и особено користењето хемиски материи од одредени категории вработени. Се иницира јавната дебата од која се очекува да го подобри текстот на правилникот, што треба да го донесе ресорот за труд и за социјална политика.

Бавната реакција на одредени институции и недостигот од иницијатива се причините за проблемите на компаниите членки на Групацијата за безбедност и здравје при работа. Неколку години не се менуваат соодветните правилници, односно подзаконските акти, а фирмите издаваат проценки за ризик за одредена работна позиција користејќи го стариот правилник кој содржи несоодветни ознаки,односно неажурирана листа на хемикалии. Во меѓувреме ЕУ поради новите анализи и сознанија за предизвикување алергиски и други реакции врз здравјето направи нова проценка. Проблемот е очигледен за одредени категории вработени, како што се бремените жени или пак, младите работници до 18години.
„Со промена на директивите на ЕУ во 2014 г. даден е налог сите оние кои таа директива ја имаат имплементирано да ја имплементираат во своето законодавство. Бидеејќи основната директива за оваа категорија работнички во Р.Македонија е транспонирана ние наоѓаме за право да дадеме конкретен предлог за нејзина измена, согласно изменетата законска регулатива од 2014 година“, изјави Борче Стојчевски- потпредседател на Групацијата за безбедност и здравје при работа.
Групацијата подготвила предлог- правилник и веќе го доставила до Министерството за труд и социјална политика и очекува вклучување на сите експерти од оваа област во насока на подобрување на неговите одредби.
„Да бидеме активни чинители во креирањето на законската регулатива од областа на безбедноста и здравјето при работа и да не биде тоа само наша иницијатива идеата е со еден широк фронт на сите луѓе клои што имаат свои професионални вештини од оваа област да направиме еден фронт со цел да ја зголемиме безбедноста вработените во Р. Македонија“, вели Сашко Стојмановски- претседател на Групацијата за безбедност издравје при работа.
Практично проблем е неусогласеноста на законите за хемикалии и за безбедност и здравје при работа, велат од Групацијата. Овој правилник е од особена важност за индустриските гранки каде што се користат хемикалии како што се: хемиската, фармацевтската и металната индустрија, земјоделството како и фирмите кои што се занимаваат со хигиена како основна дејност,односно секторот за транспорт.
Свето Николовски
