Димитров: Членството во НАТО не зависи само од Македонија, туку и од Грција
Членството во Алијансата не зависи само од Македонија, изјави шефот на дипломатијата Димитров. Македонија активно придонесува за регионалната стабилност. Во МНР денеска се одржа конференција на тема „Македонија кон целосно членство во НАТО“.

Сакаме да бидеме 30-та членка на НАТО, но членството во Алијансата не зависи само од Македонија, изјави шефот на дипломатијата Димитров. Македонија активно придонесува за регионалната стабилност. Во МНР денеска се одржа конференција на тема „Македонија кон целосно членство во НАТО“.
„Зачленувањето во НАТО не зависи само од Република Македонија. Согласно формулата од Букурешт од 2008-та година, зависи и од Република Грција, зависи и од тоа колку брзо ќе успееме да ги тргнеме дополнителните критики кои ги добивме на самитот во Варшава, во делот на одговорност, владеење на правото, слобода на медиумите. Клучното прашање не е кога, дали побрзо или на среден рок, туку клучното прашање е- сакаме ли ние како опшество и како нација да си ја зацврстиме иднината, да поминеме една линија од која нема да има враќање назад“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Димитров.
За земјата, ЕУ и НАТО се перспектива, велат американскиот и германскиот амбасадор во земјава, Бејли и Геберих.
„Македонија веќе придонесува кон регионалната и глобална безбедност. Знаеме дека вашиот пат кон НАТО е понекогаш фрустрирачки, но вие издржавте. Има поддршка од јавноста и од сите етнички заедници за ваше членство во НАТО, и се надеваме дека ваквиот обединувачки став и понатаму ќе продолжи“, изјави американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.
Германскиот амбасадор во Република Македонија, Норберт Геберих, ја потврди поддршката за зачленувањето во НАТО. Нагласи дека зачленувањето во НАТО и во ЕУ се најдобрите чекори за стабилизирање на Македонија и на регионот.
