Османи: Реализирани речиси половина од мерките од делот 3 од Планот 3-6-9

30.08.2017 14:51

Седница на Работниот комитет за европски интеграции. Досега имплементирани речиси 50 насто од делот 3 од Планот 3-6-9, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Османи. Вицепремиерот најави морална и политичка одговорност за оние што нема да го исполнат зацртаното во планот...

Речиси половина од предвидените мерки од Планот 3-6-9 се реалиизрани за повеќе од еден месец- вицепремиерот за евроинтеграции вели дека исполнителноста е задоволителна, иако, како што рече, постојано ќе врши институционален и притисок преку јавноста за планот да биде целосно завршен.

„Од вкупно предвидените 73 мерки во делот 3 од Планот 3-6-9 досега се реализирани 34 мерки што претставува реализација од скоро половина од мерките, 30 се во тек, но се во рамки на роковите, а за неколку веќе имаме констатирано дека доцнат. Тоа и не е така лошо ако се има предвид дека се наоѓаме на половина од предвиденото време, но исто така ова треба да претставува и предупредување за поголем фокус како на Владата, така и на администрацијата и другите институции кон имплементација на мерките од Планот 3-6-9“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за евроинтеграции.

За да се забрза со исполнувањето на мерките, но и да се подобри комуникацијата меѓу институциите, Османи го реактивираше Работниот комитет за евроинтеграции. Планира да се состануваат најмалку еднаш во два месеца и на тој начин да се влијае врз оние кои не си ја вршат работата на време.

Во некои сектори, имплементирани се помалку од една третина од мерките, како што се во областа судски реформи, миграции, мерките врзани за борба против организираниот криминал, делот на изборите. Доцнења има кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата, како што е Собранието. Османи најави дека неисполнувањето на обврските заклучно со крајниот рок, ќе повлече политичка и морална одговорност.

 

Катерина Топалова