Средба Димитров- Коѕиас за градење доверба

31.08.2017 12:59

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, денеска разговарале за разликите околу името, но повеќе за самиот процес за тоа како тој ќе се одвива, за методот и модалитетите...

Никос и Никола се сретнаа во македонската престолнина. Така и се нарекуваа на конференцијата за новинарите за да се покаже подготвеноста за остварување на мерките за градење доверба. Потпишан е меморандум за соработка меѓу Дипломатските академии, разговарано е за енергетските проекти, за безбедноста.

Грција го поддржува суверенитетот на Република Македонија, изјави Коѕиас.

„Грција ја поддржува и продолжува да ја поддржува со сите свои сили, стабилноста и суверенитетот на оваа пријателска северна земја. Вашата стабилност ја храни нашата стабилност. Нашиот развој го храни вашиот развој. Инвестициите и трговијата можеме и понатаму да ги развиваме“, изјави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.

Димитров рече дека е разговарано и за методот за надминување на разликата околу името.

„Разговаравме за процесот, за тоа како ќе се одвива процесот, за методот, за модалитетите, меѓутоа, разговаравме и за тоа што се точно интересите и грижите на двете страни по ова прашање, со цел да има поголемо разбирање во однос на тоа како едната страна го перцепира проблемот, а како другата страна го перцепира. Мислам дека тоа беше важно“- нагласи министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

На средбата двајцата министри разговарале за мерките за градење доверба, за унапредување на односите во делот на полициската соработка и безбедноста, во сферата на образованието, економијата.