Меркел е поубедлива, Шулц има силен став
„Меркел е поубедлива, а Шулц има силен став“ е заклучокот од анкетите по телевизиското соочување на двајцата кандидати за канцелар. Опонентите се согласија околу некои прашања меѓу кои доминираа бегалската криза, односот со Анкара и социјалниот систем на Германија. Изборите кои обично имаат најголемо влијание врз европската политика ќе се одржат на 24-ти септември...

Според телевизиската анкета на ЗДФ, германската канцеларка Ангела Меркел оставила подобар впечаток во ТВ дуелот со Мартин Шулц. По првата половина од дебатата, Меркел имала поддршка од 33 насто од гласачите, а нејзиниот опонент Шулц, 17 проценти. Темите кои доминираа на соочувањето беа бегалската криза, односите со Турција и иднината на социјалниот систем.
За актуелната канцеларка, бегалскиот бран не е опасност, но нагласи: тоа не значи дека секој може да дојде во Германија. Со својот опонент се согласи дека интеграцијата на мигрантите ќе трае долго независно од напорите на властите. Сличен став делат и во однос на релацијата со Анкара.
„Јасно е дека Турција нема да биде член на Европската Унија. Ќе зборувам со колегите да видам дали може да договориме заедничка позиција за прекин на преговорите“, изјави Ангела Меркел, актуелен канцелар и кандидат на ЦДУ.
„На Турција треба да и дадеме до знаење дека имамите кои беа обучени во Турција веќе не се обучуваат според правилата како порано. Поради тоа, треба да размислуваме за прекинување на договорот. Ако бидам канцелар, нема само да го откажам договорот, туку и ќе ги прекинам преговорите за прием на Турција. Стигнавме до точка кога германските граѓани не можат безбедно да патуваат во Турција“, рече Мартин Шулц, кандидат од СДП.
Ривалите се изјаснуваа и за соработката со Вашингтон. Меркел потенцираше дека има дијаметрално спротивни ставови со претседателот Трамп околу одредени прашања, меѓу кои се и климатските промени и расизмот. Соработката со него била потребна за решавање на проблемот со Корејскиот полуостров.
„Имаме проблеми со Кореја и агресијата на севернокорејскиот лидер. Проблемот нема да го решиме без претседателот на САД. За нас постои само мирно и дипломатско решение. И претседателот на Франција Емануел Макрон смета дека ни треба поголем европски ангажман“, изјави Меркел.
Шулц тврди дека Трамп не е во состојба да го реши конфликтот со Пјонгјанг. За Германија, оцени-недостига социјална правда иако постои висок економски раст и ниска невработеност.
„Имаме уште 2 милиона невработени. Многумина имаат договори на ограничено време. Во големите градови становите едвај да можат да се платат и од две плати“, рече Шулц.
Во завршниот збор канцеларката Меркел вети дека Германија и во иднина ќе се одржи силна и оти ќе се обезбедат нови работни места.
Дуелот меѓу шефицата на Демохристијаните- која е канцеларка од 2005 година, и нејзиниот противник, кандидатот на Социјалдемократите, траеше 90 минути. Соочувањето беше пренесувано на четирите најголеми телевизии во земјата, и се проценува дека го следеле 20 милиони гледачи. Анкетите покажуваат дека секој втор избирач во Германија е неопределен. Ова е единствено телевизиско соочување пред изборите на 24 септември.
Маја Филдишев
