Сеул изведе симулиран напад врз Пјонгјанг
Нов негативен развој на 38-та паралела. Сеул изведе симулиран напад врз Пјонгјанг при што истрела и еден проектил кој заврши во морето. За нуклеарните провокации од Северна Кореја повторно состанок на Советот за безбедност.

Јужнокорејската војска извела симулација на можен напад врз база на нуклеарно вооружување во Северна Кореја како одговор на нејзиното тестирање нуклеарна ракета. Според медиумите, во вежбата учествувале борбени авиони, а биле употребени и балистички ракети од типот „воздух-земја“ со долг дострел. Се наведува дека сите проектили успешно ги погодиле зацртаните цели кои биле поставени во Јапонското Море, на далечина соодветна на севернокорејската база за нуклеарни тестирања. Војската на Јужна Кореја соопшти дека во вежбата учествувале само јужнокорејски воени сили и најави дека во тек се подготовки за заеднички вежби што ќе бидат спроведени заедно со војската на сад во јужна кореја.
„Претседателот Мун потенцира дека треба да се засили притисокот и санкциите врз северна Кореја додека не реши да седне на преговарачката маса“, изјави Парк Су-Хјун, портпарол на претседателот на Јужна Кореја.
Во меѓувреме, медиумите во Јужна Кореја побараа од владата во Сеул да ја разгледа можноста за развивање сопствено нуклеарно оружје.
„Ова е мошне сериозна ситуација и мора да ја сфатиме сериозно. Но, да се надеваме дека ќе се изнајде мирно решение“.
„Не ми се допаѓаат тие нуклеарни тестирања. Ме загрижуваат. Искрено, се плашам дека војната повторно ќе почне“- велат жители на Сеул.
Јужнокорејската агенција Јонхап јави дека Северна Кореја се подготвува за ново лансирање проектил, најверојатно интерконтинентална балистичка ракета. Според известувачката служба на Јужна Кореја, планот на Ким Јонг Ун е ракетата да падне во Пацификот. Јужнокорејската влада од другастрана се подготвува за одбрана односно распоредување на преостанатите четири лансери на контроверзниот американски систем за ракетна одбрана, ТХААД.
Лидерите на земјите од групата БРИКС остро го осудија нуклеарното тестирање на Северна Кореја и повикаа на директен дијалог за нуклеарниот проблем на Корејскиот полуостров. Во заедничка декларација на Бразил, Кина, Русија, Индија и Јужна Африка се искажува длабока загриженост за постојаните тензии околу севернокорејскиот нуклеарна програма. Во декларацијата бараат проблемот да се решава на единствениот можен начин, преку директен дијалог меѓу сите страни.
Марина Автовска
